Политика

Мицкоски: Одговорноста за смена на владата е на опозицијата

01.06.2021 16:12

„Одговорноста за смена на владата е на опозицијата и јас со таа одговорност заспивам и се будам“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, во изминатите четири години имало украден живот на народот, тргување со идентитет, криминал и неправда. СДСМ со одговор- уште долго време Мицкоски ќе заспива и ќе се буди со помислата на премиерот Заев...

„Не е прашањето дали се потребни предвремени парламентарни избори, туку кога тие би се одржале“, вели лидерот на ВМРО- ДПМНЕ Христијан Мицкоски коментирајќи ги четирите години власт на СДСМ. Тој не крие дека се разговара со пратеници и се надева дека ќе собере 61 глас за распуштање на Собранието и нови предвремени парламентарни избори. Се разговара и со народни избраници од владејачката СДСМ. Според Мицкоски, оваа влада треба да замине бидејќи грешно менаџира со државата.

Осврнувајќи се на четирите години власт на СДСМ, Мицкоски вели дека тоа се години на хибриден режим на мафијата. Трговија со име, идентитет, историја, нација.

СДСМ со одговор- Мицкоски го брани криминалот на режимот, претрпе шест изборни порази и уште долго ќе заспива и ќе се буди со мисла за премиерот Заев.

Социјалдемократите потенцираат дека тие и Заев имаат успешни четири години. Покачени плати, пензии, зголемени субвенции, прием во НАТО и чекорење кон Европската унија.

 

Миле Ристески