Влада

Олабавени мерките за заштита од Ковид-19

01.06.2021 19:09

Нема маски на отворено, освен во јавниот превоз и во затворени простории – Владата ги прифати препораките на главниот координатвен кризен штаб. Моменталната епидемиолошка состојба дозволува присуство на публика на спортски натпревари на отворено со исполнетост до 30 проценти од капацитетот. Се дозволува организирање свадби и прослави на летните тераси на рестораните до 100 гости. Се укинува мерката за работа во смени или од далечина. Полицискиот час од полноќ до четири наутро продолжува да важи до 15-ти јуни...

Владата донесе одлука за олабавување на мерките против Ковид- 19 согласно препораките на Главниот координативен кризен штаб, поради подобрената ситуацијата со пандемијата.

Се укинува мерката за задолжително  носење на заштитни маски на отворено, освен ако не се групираат повеќе од четири лица. Сѐ уште важи обврската за носење на маски во затворен простор, јавен превоз и такси.

Се дозволува организирање свадби и прослави на летните тераси на рестораните до 100 гости и не повеќе од 50 проценти од капацитетот на објектот со задолжително одржување растојание. Музичари ќе можат да присуствуваат на свадби на отворен дел од рестораните.

На една маса во угостителските објекти ќе можат да седат шест лица на препорачано растојание. Спортските напревари на отворено може да имаат публика до 30 проценти од капацитетот со одржување на минимално растојание од 1,5 до 2 метри меѓу посетителите. Се укинува мерката за работа во смени или од  далечина.

Полицискиот час од полноќ до четири наутро продолжува да важи до 15-ти јуни.

 

Ирина Гелевска