На отворено без маски, полицискиот час останува
Се укинува мерката носење на заштитна маска на отворено, освен кога лицата се во поголема група. Останува на важност мерката за задолжително носење заштитна маска во јавен превоз, такси превоз и во сите затворени простори.

Движење без маски на отворено, организирање свадби, веселби на отворен простор- летни тераси до максимум 100 лица, но и присуство на публика на спортски натпревари што се одржуваат на отворено до 30 отсто од вкупниот капацитет на посетители- ова се дел од измените на рестриктивни мерки што вчера ги усвои Владата.
Се укинува мерката носење на заштитна маска на отворено, освен кога лицата се во поголема група. Останува на важност мерката за задолжително носење заштитна маска во јавен превоз, такси превоз и во сите затворени простори.
Новите протоколи дозволуваат присуство на публика на спортски натпревари кои се одржуваат на отворено до 30 проценти од вкупниот капацитет на посетители, со задолжително почитување на растојание помеѓу посетителите од 1,5-2 метри. Се укинува мерката за забрана за групирање на јавен простор на не повеќе од четири лица.
Дозволено е и организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор/ летни тераси до максимум 100 лица, но не повеќе од 50 отсто од капацитетот на просторот, со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу лицата. Присуство на музичари е дозволено само при организирање на свадби, а согласно соодветен протокол.
Исто така, зголемен е и бројот на лица на една маса во угостителските објекти, поточно од четири на шест лица со обезбедување на препорачаната дистанца меѓу лицата на масата. Се препорачува укинување на мерката за работа во смени и од далечина, а мерката полициски час продолжува да важи до 15-ти јуни.
Се намалува и бројот на хоспитализирани ковид- пациенти низ клиниките во земјава. Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 183. Вкупно има околу 430 празни болнички кревети во ковид центрите.
Од Министерството за здравство соопштија дека поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.
Вакцинацијата против Ковид-19 се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата „vakcinacija.mk“ е 433.787 граѓани. На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 236.878 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 2.057 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 14.763 граѓани.
Во државата вкупно се аплицирани 331.034 дози вакцини, а ревакцинирани се 94.156 граѓани. Со последните бројки 47 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 41 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
