Во јуни треба да пристигнат 190 илјади вакцини „Фајзер“ и 500 илјади „Синовак“
Министерот за здравство, Венко Филипче вчера најави дека овој месец треба да пристигнат 190 илјади вакцини од „Фајзер“, преку Ковакс системот и преку директни преговори со компанијата, како и 500 илјади од кинеската „Синовак“, која што СЗО вчера ја одобри за итна употреба.

Вакцинацијата на сите пунктови низ државата, според здравствените власти, се одвива непречено, а интересот секојдневно се зголемува. Активноста, како што тврдат, нема да запре со оглед на најавите дека ќе пристигнат нови количини вакцини, а има доволно вакцини и за втора доза.
Министерот за здравство, Венко Филипче вчера најави дека овој месец треба да пристигнат 190 илјади вакцини од „Фајзер“, преку Ковакс системот и преку директни преговори со компанијата, како и 500 илјади од кинеската „Синовак“, која што СЗО вчера ја одобри за итна употреба.
Граѓаните треба да имаат доверба во вакцините, изјави вчера министерот Филипче.
Исто како што сите вакцини ги аплициравме до сега, треба целта да се постигне, колективен имунитет врз основа на ефикасноста на секоја вакцина поединечно, да се измери ефективноста на целокупниот процес, е нешто што ќе ја смени сликата за епидемијата. Така што, апсолутно граѓаните треба да бидат спокојни, сите вакцини се безбедни и се доволно ефикасни, порача Филипче.
Како што информираше Министерството за здравство, на вакциналните пунктови во државата заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 236.878 граѓани, додека досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 433.787 граѓани. Прва доза вакцина завчера примиле 2.057 граѓани, а вкупно се вакцинирале 14.763 граѓани.
Во државата вкупно се аплицирани 331.034 дози вакцини, а ревакцинирани се 94.156 граѓани. Со последните бројки 47 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 41 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
