Хакатон за иновативни решенија во е- здравство
Проектот се реализира во рамките на Програмата за корпоративна иновативност на ФИТР, во соработка со вториот корпоративен партнер Рош Македонија и Министерството за здравство.

Фонд за иновации и технолошки развој објави повик за учество на првиот хакатон „Е-Здравство“ на кој ќе се бараат креативни решенија за подобрување на здравјето на граѓаните. Проектот се реализира во рамките на Програмата за корпоративна иновативност на ФИТР, во соработка со вториот корпоративен партнер Рош Македонија и Министерството за здравство.
На хакатонот „Е-решенија за подобро здравје со ФИТР и Рош“ ќе се бараат иновативни мобилни апликации или веб-сајт за подобро управување со здравствениот систем, превенција, подобро менаџирање на високоризични групи на пациенти и намалување на ризикот од малигни заболувања. Избраните решенија ќе бидат целосно и бесплатно достапни до сите граѓани на Република Северна Македонија, најмалку во рок од една година по завршувањето на проектот.
„Преку Програмата за корпоративна иновативност ги поттикнавме најуспешните и затоа сум горд што една од најголемите фармацевтски компании на глобално ниво, Рош Македонија е нашиот втор корпоративен партнер. Според истражувањето кое го спроведовме за стартап екосистемот во нашата земја, во последните неколку години здравството е индустрија која бележи голем подем, односно се повеќе расте бројот на иновативни решенија. Тоа е една од причините поради која ФИТР продолжува преку своите програми да ги стимулира стартап компаниите од оваа гранка. Верувам дека на хакатонот ќе добиеме креативни решенија со кои полесно ќе ги надминеме последиците од пандемијата и ќе придонесеме кон зачувување на здравјето, особено кај женската популација. Во оваа прилика, ги повикувам и другите компании да се вклучат во Програмата за корпоративна иновативност и заеднички да придонесеме кон забрзана дигитализација во сите индустрии и доближување на нашата земја до позиционирање како регионален стартап хаб“, изјави Коста Петров, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
Вкупниот буџет изнесува 30 илјади евра, колку што е и максималниот износ за финансирање на поединечен предлог проект. ФИТР обезбедува 49% од средствата, додека останатите 51% се од Рош Македонија.
На повикот на ФИТР можат да аплицираат трговски друштва или тимови кои се состојат од најмалку две и најмногу пет физички лица. За остварување најдобри резултати во текот на хакатонот, препорачливо е секој пријавен тим да има барем еден инженер од областа на информатичките технологиии (програмер), лице од областа на природните или медицинските науки, дизајнер и лице со искуство во водење бизнис.
Наградените правни субјекти ќе имаат обврска со доделените средства во рок од 60 дена од денот на потпишување на договор со ФИТР да изработат и лансираат работна верзија на решението.
Рокот за аплицирање е до 17.06.2021 до 14.00 часот. Хакатонот ќе се одржи онлајн од 25-27 јуни 2021 година.
