Офталмолошки преглед задолжителен за првачињата
Навремен офталмолошки преглед кај дечињата е клучен при лекувањето на очните заболувања. Лекарите ја поздравуваат новата законска одлука, според која сите првачиња, за да се запишат на училиште мора да поседуваат документ од извршен очен преглед. На тој начин велат ќе се спречи и амблиопијата...

Дечињата кои годинава ќе се запишат во прво одделение, согласно новиот Закон за основно образование, имаат обврска во училиштата да достават документ за извршен офталмолошки преглед. Очните лекари ја поздравуваат одлуката, потенцирајќи дека е клучно дечињата да бидат прегледани до 5 годишна возраст. На тој начин велат, можат да се спречат сериозни очни заболувања, меѓу кои и амблиопија, односно слабовидноста, со која во повеќето случаи, е зафатено само едното око, но може да биде и на двете.
„Најчесто амблиопијата е нешто што не може да се забележи во секојдневната пракса. Тоа се луѓе кои секојдневно, нормално функционираат, без оглед што кај нив недостасува стереовидот што велиме, без длабинскиот вид, сепак тие нормално функционираат. Ако навремено се дијагностицира тогаш до седумгодишна возраст има период кога може да се третира“, вели Елизабета Спасиќ, офталмолог во Општа болница Куманово.
Офталмолозите објаснуваат дека родителите не се информирани за ова очно заболување, па избегнуваат дечињата да ги носат на преглед.
„Многу од нив доаѓаат во смисла дека им треба уште еден документ за да си го запишат детето на училиште, некои негодуваат, затоа што не ја разбираат суштината. Офтолмолошкиот преглед е многу важен момент. Има заинтересираност затоа што тоа е веќе законска обврска, им треба за да се запишат во прво одделение, меѓутоа ние навистина сакаме да излеземе во пресрет и да ги прегледаме сите деца“, истакна таа.
Очната амбуланта при кумановската болница располага со 60 термини неделно. Очекувањата се до 1-ви септември да бидат прегледани сите првачиња. Според истражувањата од амблиопија боледуваат околу 5 проценти од населението.
Елена Георгиевска
