Струмица

„Еуромакс“ со повик за финансирање на проекти, еко- активистите велат дека е пропаганда

02.06.2021 13:16

Рударската компанија „Еуромакс ресурсис“ нуди еден милион евра во струмичкиот микрорегион за идеи и предлози за економско и социјални проекти. На повикот остро реагираат активистите од здружението „Здрава котлина“. Велат дека истиот е манипулација и пропаганда...

Реновирање на општински училишта, чистење на канали и системи за наводнување во повеќе села од општините Босилово и Ново Село, реконструкција и изградба на нови детски и спортски игралишта во сите општини од микрорегионот. Ова се само дел од проектите во кои рударскиот комплекс „Еуромакс Ресурсис“ планира да инвестира откако го отвори Повикот за финансирање проекти до милион евра во струмичкиот регион.

На истиот остро реагираат активистите од „Здрава котлина“ кои сметаат дека е само манипулација и пропаганда. „Здрава котлина“ тврдењата ги основа на документи на кои јасно се гледала финансиската состојба на компанијата.

За краток период по објавувањето на Повикот, во компанијата пристигнале дваесетина предлози. Ги прашавме „Еуромакс Ресурсис“ дали истите ќе се реализираат или пак се само идеи. Одговорија експресно дека била донесена одлука за интервентно формирање на оперативно наменски буџет со кој ќе се финансираат приоритетни проекти во регионот. Ги повикуваат жителите, граѓанските асоцијации, бизнис заедницата и релевантните институции од Струмичкиот регион, заедно да ги детектираат идеите и предлозите за економско и социјални проекти.

Дали „Еуромакс Ресурсис“ ќе инвестира еден милион евра во микрорегионот, останува да се види дали идеите ќе се реализираат.

 

Стојне Митева