Зоната Чојлија е индустриски „бум“
Индустриската зона чојлија, кај скопски петровец, е вистински хит меѓу домашните и странските инвеститори. Од планираните 74 локации продадени се 70, а слободни се само уште 4. Првиот објект е веќе во завршна фаза, издадени се 14 одобренија за градење, а веќе се размислува и за проширување на зоната.

Чиста локација со донесени приклучоци за струја и вода и со тампониран пристапен пат. Понуда по светски терк која е магнет за сите заинтересирани инвеститори. Еднаков третман имаат сите и домашните и странските, доаѓаат од Италија, Австрија,Холандија,Турција, Албанија ,Македонија. Единствен услов е да градат објекти од лесна незагадувачка индустрија и услужни дејности.
Индустриската зона Чојлија е најголема во земјава, се протега на површина од 202 хектари.70 локации се веќе продадени, а слободни се само уште 4, можеби најатрактивните лоцирани токму спроти аеродромот „Александар Велики“.
„Слободна е најголемата од 70 илјади квадрати за која има три заинтересирани инвеститори. Ќе се градат забавен град, хотели, писта за мото трки, трговски центар, бензински пумпи, логистички центри. Компанијата „Еуроиталија“ веќе гради супемодерна клиника вредна 35 милиони евра, но планира и нови инвестиции“, изјави Борче Митевски - градоначалник на Петровец
Веќе се издадени 14 одобренија за градење, првиот објект на „Глобко“ е во завршна фаза , а набрзо почнува градбата и на 6 други .
Трговскиот синџир „Тинекс“ планира магацински простор од 22 илјади квадратни метри, а можеби и полнилница за вода затоа што е откриен извор на минерална вода. „Југоопрема“ ќе гради хала со идентична површина. Интересот за инвестирање во Чојлија е голем и веќе се размислува за проширување на зоната со дополнителни 300 хектари .
Свето Николовски
