Шекеринска и Ѓурчиновски на средби со делегација од Вермонт
Со вежбата „Одлучен удар 21“ Северна Македонија успешно го положи првиот тест по членството во НАТО и по пандемијата...
Високата делегација од сојузната држава на САД, Вермонт која ја предводи заменик гувернерката Моли Греј и командантот на Националната Гарда (НГ), генерал-мајор Грегори Најт, која престојува во тридневна официјална посета на Република Северна Македонија, денес престојуваше во Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата.
За време на посетата делегацијата оствари средби со министерката за одбрана Радмила Шекеринска на која присуствуваше и амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз, додека генералот Најт имаше средба и со својот домаќин, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Заблагодарувајќи се за нивното присуство на денот на високи гости на вежбата „Одлучен удар 21“, министерката Радмила Шекеринска ја потенцираше одличната одбранбена соработка и важноста на вежбата во контекст на актуелните случувања.
„Оваа вежба беше прв тест за нас по членството во НАТО и по пандемијата, кој го положивме успешно. Високо го цениме сето она што го направивте за нас во изминатите над две децении пријателство и сојузништво. Тоа создаде основа да градиме мостови и во други области како што е економијата“, рече таа.
Шекеринска нагласи дека соработката со Вермонт остави силен печат врз кариерите на многу војници и офицери на Армијата. Заменик гувернерката Моли Креј посочи дека вратата на Вермонт за обуки и тренинзи на нашата Армија останува отворена.
На средбата стана збор за потребата од поголемо вклучување на жени во безбедносниот сектор, плановите за вклучување во меѓународни мировни мисии на нашата земја, како и за погодностите на Криволак како армиски полигон со високо развиени капацитети за вежби и обуки.
