Ковид-19

Паднаа маските, почнуваат свадбите- нема гушкање и ракување

02.06.2021 16:00

„Полесно се дише“- ова е првичниот коментар на граѓаните кои зборуваа пред камерата на Македонската телевизија по укинувањето на забраната за носење маски на отворено. Од Владата ги објаснија протоколите за свадби, менаџерите на објектите треба да го имаат списокот на гости, нема гушкање и ракување...

На отворено без маски, свадби на летните тераси со музика до 100 гости, спортски натпревари со публика- Владата прифати олабавување на мерките. Заштитни маски ќе се носат во јавниот превоз и во затворени простории. Полицискиот час продолжува да важи до 15-ти јуни.

„Сега е жешко, народот се угуши од маските, за луѓето како мене во години маските на отворено не се препорачливи, во затворени простории може.“

„Требаше да се случат многу порано, маска на отворено нема логика.“

„Мислам дека е време веќе малку психички да се опуштиме и тие свадби и угостителите да почнат да работат подобро“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Од Владата објаснуваат- гостите на прославите не смеат да се гушкаат или ракуваат. Музиката ќе биде одалечена на пет метри од масите, ќе биде дозволено играње но само на подиум со дистанца. Менаџерите ќе имаат список на гостите по кој ќе го вршат приемот.

„Организаторот има обврска според протоколот да достави листа на гости до одговорниот менаџер на објектот кој има обврска да го евидентира секој гостин на прославата. Менаџерот на угостителскиот објект е должен да ја регистрира и пријави прославата во Угостителската комора која води регистар на свадби, прослави и веселби. Во случај на движење во затворениот дел на гостите задолжително е носење маска“, изјави владиниот портпарол, Муамед Хоџа.

Музичарите не се задоволни од одлуката да се дозволи жива музика само на свадбите. За в петок најавија протест.

Новите протоколи дозволуваат присуство на публика на спортски натпревари на отворено со исполнетост до 30 проценти од капацитетот. Се укинува и забраната за собирање на повеќе од четири лица на јавен простор.

Состојбата е стабилна, но надлежните предупредуваат- многу лесно може да влоши доколку не се почитуваат мерките онака како што се предвидени.

 

Андријана Атанасовска