Приведени шест лица, сузбиена криминална група за криумчарење мигранти
Уапсени криумчари на мигранти во полициска акција „Транспортер“. Се спроведе во неколку градови низ земјава. Разбиена била организирана група чиј водач е 33 годишен велешанец. За сума од 500 до 700 евра, од Грција преку територијата на државава и Србија, мигрантите биле времено сместувани и префрлувани кон земјите од ЕУ...

Најмалку шестмина уапсени за криумчарење мигранти. За уште тројца осомничени се преземале мерки за приведување. Четворица, пак, веќе се на издржување казна затвор. Сузбиената криминална група ја предводел 33- годишен велешанец. Заедно со уште двајца од земјите од Блискиот Исток го организирале транспортот на мигранти од Грција, преку нашата земја и Србија, и ги спроведувале до за нив посакуваната европска дестинација.
Ги преземале со возило, а им организирале и засолниште во земјава, најчесто во Кумановско- липковскиот регион.
За транспорт мигрантите плаќале од 500 до 700 евра преку агенти за брз трансфер на пари или во готовина. Претреси имало во повеќе градови.
Извршени се претреси во објекти на 11 локации на подрачјето на Велес, Скопје, Штип, Струмица и валандово и притоа од слобода се лишени шест лица, се преземаат мерки за приведување на уште три лица, соопштија од Обвинителството.
Од Обвинителството велат- по добивањето на кривичната пријава, надлежен обвинител, ќе достави предлог за определување на мерка притвор за осомничените.
Наташа Гркова- Петрушевска
