Евроинтеграција

Наредните денови клучни за стартот на преговорите со ЕУ

02.06.2021 16:29

Наредните денови се клучни за стартот на преговорите меѓу Македонија и ЕУ. Премиерот Заев верува дека ако дијалогот со Бугарија биде успешен, меѓувладината конференција може да се одржи на 23-ти јуни. „Подготвен сум во Софија да замолам за прагматично решение, но не да го жртвувам македонскиот идентитет и јазик“- вели тој...

Премиерот Заев верува дека, доколку дијалогот со Бугарија биде успешен, меѓувладината конференција може да се одржи уште на 23-ти јуни, или, да ги подобри изгледите тоа да се случи во август или во септември. Премиерот најави низа билатерални средби и изрази надеж за скора средба со бугарскиот премиер Јанев. Подготвен сум, рече Заев, да одам во Софија и да замолам за решение.

„Да замолам за решение на прагамтични основи, знаејќи дека никој не сака да погази врз нашиот македонски јазик и македонски идентитет. Така и ќе биде, но сепак решението мора да го најдеме ние двете пријателски земји... Политиката што ја водиме во моментот со целосна почит на нашата историја како појдовна основа за гаранција на сегашноста и иднината. Тоа молиме. Европски манири. Молиме европски однос на сите наши соседи. Жалам што во моментот е техничка влада, не е политичка, да понесе одговорност и затоа, сме со резерва и не знаеме дали ќе има одлука, но треба да работиме и успееме“, вели Заев.

Португалското претседателство, посочи Заев, изненадувачки позитивно изработило инвентивно и креативно решение, како за нас така и за бугарската страна. Не сакам, нагласи премиерот, да ги поткревам очекувањата, и ја повика ЕУ, вклучително и Бугарија, да испорачаат, затоа што ни должат. Тој посочи дека е подготвен за комромис, но во насока дека секоја страна има право на своите ставови и да остави времето да ги решава.

„Компромисот е патна карта, каде што секој секторски ќе си земе обврска. Ние со железницата кон Бугарија, а тие кон преминот Клепало. Тоа е компромисот. Македонскиот јазик и македонски народ, ако е за преговори, не преговараме. Појасно од тоа, не знам како да кажам“, нагласи Заев.

Бугарскиот претседател Румен Радев по средбата со португалскиот претседател Марсело де Соуса во Софија, побара соодветни гаранции од ЕУ за бугарските интереси, пред да го повлечат ветото за почеток на прееговорите на нашата земја со Унијата.

Марина Стојанова- Тонева