Економија

„Пејпер мил“ со еколошки филтер и со рестартирано производство

02.06.2021 16:32

По неколкумесечна пауза, фабриката за хартија „Пејпер Мил“ почна со работа. Вграден е вреќестиот филтер на фабричкиот оџак, по што присуството на штетни материи во воздухот е 40 пати помалку од пропишаните вредности. До крајот на годината „Пејпер Мил“ треба да има и пречистителна станица за отпадни води...

Со инвестиција од 55 илјади евра за вреќест филтер, решен е голем еколошки проблем во Кочани, а после четири ипол месеци, на работа од денес се сите 120 вработени во „Пејпер Мил“. Од управата на фабриката најавија дополнителни вложувања за заштита на животната средина.

„Пејпер Мил“ има капацитет за рециклирање на картонска хартија за потребите на цела земја, околу 14.400 тони и придонесува за заштита на животната средина, истакна вицепремиерот за економски прашања, Битиќи.

Заради енормното загадување на воздухот во Кочани, „Пејпер Мил“ по налог на Државниот инспекторат за животна средина престана со работа од средината на јануари годинава. Инсталирањето на вреќест филтер ја минимизира концентрацијата на прашина и јаглероден моноксид во воздухот, а фабриката вложува 300 илјади евра за пречистителна станица за отпадни води, која треба да проработи до крајот на годината.

 

Славица Величковска