Опозициските партии инсистираат на јавна расправа за измените на Законот за државјанство
Повикаа пред да се дебатира во Комисијата за одбрана и безбедност да се побара мислење од Владата. Тие во предлог- амандманите на Алијанса и Алтернатива гледаат можност лица со криминално минато без проверливи докази да се стекнат со државјанство.

Опозициските партии инсистираат на јавна расправа и на учество на стручна и научна експертиза за измените што ги предлага во Законот за државјанство Алијанса на Албанците и Алтернатива. Велат дека само со амандмани кои добиле позитивно мислење од Министерот за внатрешни работи не треба да се разгледуваат. Повикаа пред да се дебатира во Комисијата за одбрана и безбедност да се побара мислење од Владата. Тие во предлог- амандманите на Алијанса и Алтернатива гледаат можност лица со криминално минато без проверливи докази да се стекнат со државјанство.
Предлагачите на амандманите, пак, со став дека измените се усогласени со Владата во насока да се исправи неправдата кон илјадници жители на земјава, кои иако тука се родени, засновале семејства, работно се ангажирани, се уште не можат да си го остварат елементарното право на државен статус во општеството.
На иста линија е и владејачката партија СДСМ, од која потенцираат дека мора да им се излезе во пресрет на лицата кои долго време поради одредени причини не можат да ги исполнат условите за стекнување државјанство.
Во аманманите што ги предложи Алијанса и Алтернатива се предвидува да се избришат два критериуми кои беа предвидени во Законот зза државјанство, а кои се однесуваат на безбедносните проверки и за осудуваност на лицата во минатотото. Исто така, се предлага лицата од поранешните републики на Југославија кои живееле до 8-ми септември 1991-ва во земјава, по автоматизам да бидат впишани во регистарот на државјани.
Игор Панов
