Aктивни 1.070 случаи со Ковид-19, вакцинирани околу 240.000 лица
Според вчерашните податоци на Институтот за јавно здравје, три града во земјава – Демир Капија, Пехчево и Дојран, немаат ниту еден активен случај на Ковид-19, а во Дебар и Валандово има само по еден...

Според последните податоци на Министерството за здравство, во земјава активни се 1.070 случаи со Ковид-19, додека вкупно се вакцинирале 239.283 граѓани. Само во вторникот биле аплицирани 15.155 вакцини.
Бројот на лица кои досега изразиле желба за вакцинација преку веб-платформата vakcinacija.mk е 436.072 граѓани. Вкупно се аплицирани 346.931 дози вакцини, а ревакцинирани се 107.648 граѓани. Една доза примиле 47 отсто од населението над 70 години, а 41 процент кај лицата над 65.
Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација, велат од ресорот здравство. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб-страницата vakcinacija.mk, а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура, велат од Министерството за здравство.
Според вчерашните податоци на Институтот за јавно здравје, три града во земјава – Демир Капија, Пехчево и Дојран, немаат ниту еден активен случај на Ковид-19, а во Дебар и Валандово има само по еден.
Во државата досега со коронавирусот се инфицирале 155.345 лица. Вчера беа регистрирани нови 43 случаи позитивни на коронавирусот од направени 3.007 тестирања или 1,4 отсто. Пријавени се шест починати и 48 оздравени пациенти. Бројката на оздравени пациенти е 148.846, на починати е 5.429.
На инфективните одделенија во Скопје и во болниците во другите градови се лекуваат 164 пациенти со Ковид-19. Има околу 490 празни болнички кревети во ковид- центрите.
