Коалициски договор за крај на мандатот на Нетанјаху
Непосредно пред истекот на рокот, опозиционерот Јаир Лапид и неговиот главен коалициски партнер Нафтали Бенет ја соопштија одлуката со која Израел избегна нови, петти по ред избори во 24 месеци.

Опонентите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху постигнаа договор за коалициска влада со која планираат да го завршат неговиот 12-годишен мандат.
Непосредно пред истекот на рокот, опозиционерот Јаир Лапид и неговиот главен коалициски партнер Нафтали Бенет ја соопштија одлуката со која Израел избегна нови, петти по ред избори во 24 месеци.
Договорот предвидува ротација на премиерската функција. Бенет, поранешен сојузник на Нетанјаху, ќе биде шеф на владиниот кабинет во првите две години, по што власта ќе му ја предаде на Лапид.
Идната недела, Кнесетот треба да гласа за документот кој се смета за историски поради учеството на првата арапска партија – Обединетата арапска листа - во владина коалиција.
Таа ќе се фокусира на економијата по пандемијата со Ковид-19, оставајќи ги настрана прашањата за кои постојат дијаметрално спротивни ставови, како што се улогата на религијата и палестинските аспирации за самостојна држава.
