Израел

Милионерот Нафтали Бенет нов премиер на Израел

03.06.2021 12:52

Милионерот Нафтали Бенет ќе биде нов премиер на Израел. Осум опозициски партии договорија формирање на коалициска влада. Лидерите на партиите ќе ротираат на функцијата претседател на владата на секои две години...

Oтпорот и антагонизмот кон Нетанјаху посилни од политичките идеологии. Опонентите на израелскиот премиер постигнаа договор за коалициска влада со која планираат да го завршат неговиот 12-годишен мандат. Непосредно пред истекот на рокот, опозиционерот Јаир Лапид и неговиот главен коалициски партнер Нафтали Бенет ја соопштија одлуката со која Израел избегна нови, петти по ред избори во 24 месеци. Договорот предвидува ротација на премиерската функција. Бенет, актуелниот министер за одбрана, ќе биде шеф на владиниот кабинет во првите две години, по што власта ќе му ја предаде на Лапид кој го презеде израелското МНР. Идната недела, Кнесетот треба да гласа за документот кој се смета за историски поради учеството на првата арапска партија – Обединетата арапска листа - во владина коалиција.

„Мали се шансите за коалиција меѓу ултрадесницата, радикалната левица и центристите. Досега не сме имале ваква влада. Постои голема надеж за промена поради политичката атмосфера која ја создаде челникот, премиерот кој е корумпирана личност. Ние сакаме нов дух, сакаме да имаме некакво единство, а оваа влада го претставува токму тоа.“

„Јас ѝ верувам на десницата, Нетанјаху ќе се врати на власт, тој ќе ја води земјата. Ова е само фарса за месец- два, нема да трае. Јасно е дека трикот нема да трае, немаат сврзно ткиво за да ги држи заедно“- велат граѓани на Израел.

Новиот кабинет најави дека ќе се фокусира на економијата по пандемијата со ковид-19, оставајќи ги настрана прашањата за кои постојат дијаметрално спротивни ставови, како што се улогата на религијата и палестинските аспирации за самостојна држава.

 

Маја С. Филдишев