Политика

Заев се надева дека техничката влада во Бугарија ќе донесе одлука за повлекување на блокадата

03.06.2021 14:46

Премиерот се надева дека техничката влада во Бугарија ќе донесе одлука за повлекување на блокадата за одржување на првата меѓувладина конференција. Ако не во јуни, ќе чекаме септември соседот да формира политичка влада- вели Заев. Мицкоски обвинува- власта води тајни преговори за национлано предавство...

Премиерот Заев без конкретни детали за португалскиот нон- пејпер и гаранциите кои ги бара Бугарија. Вели дека патоказот за меѓусекторска соработка е на разгледување во МНР кој, според него, е важно да се подготви за да се оствари и меѓувладината конференција. За гаранциите, тој вели дека станува збор за поефикасна реализација на Договорот за пријателство.

„Добро би било кога со техничката бугарска влада би постигнале договор, па ако не е јуни кога се одржува Советот за општи работи на Унијата, ќе го чекаме септември кога веќе ќе биде формирана политичката влада на соседот“- изјави Заев.

Додека премиерот со оптимизам гледа на спорот со Бугарија, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски на социјалните мрежи објави, како што вели, алармантни информации за тајни преговори за наводно национално предавство. Според него, Заев и Бучковски координираат тајни преговори за декларацијата усвоена од Бугарскиот парламент да стане дел од преговарачката рамка со Европската унија.

„Моите информации говорат дека сето ова, дуото Заев- Бучковски планира да биде потпишано од нив, без да има расправа и усвојување на документот во Собранието на Македонија. Нема преминување на црвените линии! Да бидеме подготвени за блокади и масовни протести“, пишува Мицкоски.

Бугарскиот претседател Радев на средбата со португалскиот шеф на државата, побарал гаранции од Унијата за симнување на ветото и почеток на преговори за нашата држава.

 

Миле Ристески