„Да се радуваме на здравата насмевка”
Под слоганот „Да се радуваме на здравата насмевка”, по повод Светскиот ден на оралното здравје во организација на Македонското стоматолошко друштво, повеќе од 200 врвни стоматолози дискутираа на теми за орална хигиена и новитети во стоматологијата...

„Покрај примарната улога за едукација и грижа за денталните навики на населението, ваквите симпозиуми се од особено значење за стоматолозите, за нивното професионално развивање, посебно заради размена на знаења и новитети во стоматологијата кои претставуваат светски трендови и кои мораме да ги следиме за што поефективна здравствена услуга за граѓаните“, изјави Соња Еленчевска - Апостолска, претседателка на Македонско стоматолошко друштво.
На дводневниот симпозиум беа изнесени експозеа кои што опфаќаа третмански и естетски методологии во стоматолошката пракса, нови достигнувања во ласерската примена и имплатантскиот пристап.
Кај многу општи болести од кои некои се смртоносни, првите симптоми се јавуваат во оралната празнина. Стоматолозите и нивната експертиза имаат можност да ја дијагностицираат и анализираат широката патологија кај своите пациенти и да ги воочат симптомите уште во раната фаза.
„Според епидемиолошките показатели во Македонија кариесот, но и другите орални болести се уште се размерно чести во споредба со останатите западно европски земји. Затоа задача на стоматолошко друштво е да се грижи за граѓаните со цел да создадат навика за орална хигиена“, додаде Еленчевска – Апостолска.
20ти март е Светскиот ден на оралното здравје и е поставен од Светска дентална федерација, основана уште во далечната1900-та година во Париз.
