УХМР: Нѐ очекува потопло лето и надпросечни температури
Надминувањето на температурите е предвидено дека може да достигне и до 3°C во североисточниот регион. Најголемото позитивно отстапување на температурата на воздухот за оваа сезона се очекува да биде во јули.

Летото 2021 се очекува дека ќе биде потопло, со поголема веројатност за позитивни отстапувања на температурата на воздухот од многугодишните просеци и врнежи во рамките на просекот. За територијата на Република Македонија постои голема веројатност за надминување на температурите од многугодишните просечни вредности. Надминувањето на температурите е предвидено дека може да достигне и до 3°C во североисточниот регион. Најголемото позитивно отстапување на температурата на воздухот за оваа сезона се очекува да биде во јули.
Ова денеска го соопшти Управата за хидрометеоролошки работи повикувајќи се на прогностичките материјали што ги превзема од Европскиот центар за среднорочна прогноза на времето (ECMWF) во Рединг, Виртуелниот Центар За Климатски Промени за Југоисточна Европа (SEEVCCC), како и останатите светски прогностички центри.
Несигурноста кај регионалните предвидувања за врнежите е секогаш поголема во однос на температурата, посочуваат од УХМР и наведуваат дека исто така јасен сигнал нема ни за територијата на целиот југоисточен регион на Европа, а ни за Македонија, каде моделите предвидуваат дека не се очекуваат големи отстапки од досегашните просечни вредности. Во планинските делови постои голема веројатност дека просечните врнежи ќе бидат надминати поради епизоди на засилена конвекција и појава на обилни врнежи.
