Филипче: Во тек се разговори со Србија за отварање пункт за ревакцинација на македонските граѓани блиску до границата
Македонските и српските здравствени власти разговараат за отворање пункт блиску до границата каде што би се ревакцинирале македонски државјани кои пред три месеци примија првата доза вакцина против Ковид-19 во Србија...

Македонските и српските здравствени власти разговараат за отворање пункт блиску до границата каде што би се ревакцинирале македонски државјани кои пред три месеци примија првата доза вакцина против Ковид-19 во Србија. Министерот Филипче соопшти дека утрово за ова разговарал со српскиот министер Лончар.
„Утрово разговарав со Лончар, да видиме дали може да се организра пункт поблиску до нашата земја, за очекувано поголемата бројка на граѓани коишто треба да ја примат втората доза меѓу 17-ти и 20-ти јуни. Во следните денови кога ќе имаме точни податоци ќе известиме. Најверојатно тоа би било во веќе постоечките пунктови. Разговаравме тоа да биде центарот во Врање или во Ниш. Кога ќе бидат познати сите точни информации, ќе ги известиме граѓаните“, изјави министерот Филипче.
За најновото барање на српскиот претседател Александар Вучиќ до владата да се дозволи слободна вакцинација на македонските државјани, Филипче оцени дека гестот на Србија да ги отвори вратите за вакцинација на нашите државјани, и претходно и сега, е чин на пријателство и заслужува почит.
