Белорусија

Протасевич го фали Лукашенко, родителите веруваат дека бил принуден

04.06.2021 12:32

Неговото семејство смета дека признанието било изнудено. Опозициски активисти и групи за човекови права тврдат дека Протасевич бил мачен, откако во интервјуто можеле да се забележат лузни на неговите зглобови. Тој во интервјуто вели дека зборува доброволно.

Уапсениот белоруски новинар Роман Протасевич во телевизиско интервју го фалеше претседателот Лукашенко.  Призна дека се обидел да го собори организирајќи протести.  Упати обвинувања и против другите членови на белоруската опозиција. Неговото семејство смета дека признанието било изнудено. Опозициски активисти и групи за човекови права тврдат дека Протасевич бил мачен, откако во интервјуто можеле да се забележат лузни на неговите зглобови. Тој во интервјуто вели дека зборува доброволно.

„Признавам дека сум се обидел да го соборам Лукашенко. Го критикував многу, но почнав да сфаќам дека тој ја прави вистинската работа и го почитувам“, изјави Роман Протасевич, уапсен новинар.

Родителите веруваат дека Роман бил принуден. Неговата мајка Наталија рече дека интервјуто е резултат на тортурата во затвор, а неговиот татко изјави дека било болно да се гледа.

„Го познавам мојот син многу добро и верувам дека никогаш не би кажал такви работи. Никој не верува во тие зборови. Тие го скршија и брутално го натераа да каже што треба. Тој беше киднапиран од авион, што е чин на државен тероризам. На властите им беше потребно тој да ги каже тие зборови за да ги оправдаат сопствените криминални дејствија“, изјави Дмитриј Протасевич.

26-годишниот новинар беше уапсен минатиот месец откако Белорусија приземји авион на „Рајанер“ во Минск под изговор дека во него има бомба. Владата претходно го стави на листа на поединци кои биле вклучени во терористички активности.

Протасевич се соочува со сериозни обвиненија, меѓу кои и поттикнување масовни нереди, за што се соочува со казна и до 15 години затвор. Инцидентот го интензивираше конфликтот меѓу поранешната советска република и западот. Како резултат на тоа, ЕУ и САД воведоа нови санкции кон Белорусија.

 

Марина Ристова