Филипче: Граѓаните навреме ќе ја добијат и втората вакцина
Македонските и српските власти разговараат за отворање пункт поблиску до границата каде што би се ревакцинирале сите наши државјани кои пред три месеци ја примија првата доза „АстраЗенека“. Гестот на Србија да ги отвори вратите за вакцинација на нашите државјани е чин на пријателство и заслужува почит- вели министерот за здравство Филипче за предлогот на српскиот претседател Вучиќ до српската влада...

Граѓаните кои ја примиле првата доза, можат да бидат спокојни дека навреме ќе ја добијат и втората, тврди министерот Филипче, откако ова прашање се наметна намалената испорака на вакцини во земјава.
Македонското и спрското министерството за здравство се во преговори за ревакцинацијата на нашите граѓани кои првата доза ја примија во соседната држава, да има пункт поблиску до нашата земја. Во втората половина на јуни, македонски државјани треба да се ревакцинираат со „АстраЗенека“ во Србија, каде изминативе месеци се имунизираа околу 15.000 македонски државјани.
Секој понеделник стигнуваат по околу 10.000 дози „Фајзер“, кои се дел од билатералниот договор и од системот за солидарност од ЕУ. Сè уште се чекаат стотина илјади од истите вакцини преку Ковакс, а следните седум дена треба да дојдат и 500.000 дози од „Синовак“.
Според Филипче, епидемиолошката ситација летово ќе биде мирна, но тој апелира граѓаните да бидат претпазливи.
Наташа Јанчиќ Менковски
