Вардар одолеа и на европскиот шампион Хамбург

23.03.2014 16:32

Македонскиот шампион одигра нерешено против европскиот шампион Хамбург, 28:28 во првиот осминафинален натпревар од ЛШ. Вардарци, кои се дебитанти во нокут фазата почнаа со преголем респект и во грч, и по почетните 2:2 противникот направи серија за водство од 8 4, која по 20 минути игра достигна највисоки 14:8.

Во тој период, покрај  пропустите во одбраната и техничките грешки, тренерот Раул го бараше вистинскиот избор на голот, па стартуваше со Милиќ, продолжи со Малумбрес, но дури кога меѓу стативите застана Ангелов, Вардарци почнаа да играат многу посигурно. По неговите 4 одбрани по ред направија серија од 3 гола, а до полувремето ја сведоа негативата на 14:16.

Со двата гола на Дибиров на почетокот на вториот дел израмнија, по што имаа неколку шанси за водтсво, кое не успеаја да го остварат. Хамбург постојано водеше, Вардар континуирано бркаше резултат. На десетина минути пред крајот Хенс неспортски го сопре Дибиров во противнапад, по што германскиот ракометар беше исклучен, а вардаровото крило заврши во болница.

Во последните 3 минути Хамбург влезе со три гола предност, но одново со серија одбрани на Ангелов кој до крајот нанижа 13 интервенции, Вардарци израмнија. Во последната минута најдобриот светски ракометар за минатата година Дувњак му донесе гол предност на бундеслигашот, а Чипурин успеа да израмни за конечни 28:28.

Дибиров беше убедливо најефикасен кај Вардар со 9 гола, пред Карачиќ со 5 и Душебаев со 4 погодоци, а кај Хамбург Шредер постигна 9, додека Канељас и Хенс придодадоа по 3 гола.

Реваншот се игра на 30 март во Хамбург.