„Охридско лето“ ќе биде отворено со музички спектакл
И оваа година фестивалот „Охридско лето“ ќе биде отворен на спектакуларен начин при што во Античкиот театар уметниците од Националната опера и балет ќе ги изведат најубавите дела на Петар Илич Чајковски. На летните сцени и во црквата „Света Софија“ во Охрид ќе настапат врвни светски имиња од светот на музиката и театарот со што и овој пат ќе се сочува високото реноме кое фестивалот го ужива во светот...

Свеченото отворање на 61-то издание на нашата најголема музичко-сценска манифестација-Фестивалот „Охридско лето“ ќе биде во знакот на големиот Петар Илич Чајковски во изведба на Националната опера и балет. Тоа ќе биде спектакл со најубавите дела на рускиот виртуоз од балетската трилогија „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“, како и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“. Грандиозен проект со над 90 уметници кои ќе настапат на сцената на Античкиот театар.
„Можам да најавам врвни концерти со познати светски имиња, но приоритет им дадовме на нашите македонски уметници кои имаат светска слава, нашите национални оркестри и театарски куќи. Врвни домашни изведувачи ќе настапат со светски познати имиња во прекрасната Света Софија. Нивниот спој уште еднаш ќе го потврди Охридско летои како еден од најголемите промотори и афирматори на врвната уметност“, изјави Наташа Поповиќ- директор на Фестивалот „Охридско лето“.
По традиција Охридско лето ќе биде отворено на 12-ти јули, на Петровден, а во текот на 40-те фестивалски вечери на летните сцени и во Света Софија ќе продефилираат околу 500-тини уметници од 18 земји.
„Ги поканив најдобрите и најхрабрите кои ќе допатуваат од повеќе страни на светот, со една единствена цел и мисија за спас на уметноста и културата и нејзино славење во ова чудно време, во градот каде за секој ден има по една црква, каде сонцето гали, а езерото тихува, во Охрид градот на светлината и уметноста“, рече Даница Стојанова- музички селектор.
„Оваа година програмата е составена од она што домашната продукција успеа да го создаде во овие специфични услови во кои мораа да работат театарите, како и двете најголеми театарски куќи од Србија, Српско народно позориште од Нови Сад и Југословенското драмско позориште од Белград. Јас сум сосема свесен за ситуацијата во која се наоѓаме и за разликата помеѓу желбите и она што е реалност“, изјави Александар Попоски- драмски селектор.
Настаните на Охридско лето како и лани ќе се одвиваат според протоколите што ќе ги пропише министерството за здравство, со надеж дека тие до јули дополнително ќе бидат олабавени, што ќе овозможи настапите на врвните уметници да ги проследат поголем број љубители на музичката и драмската уметност.
Сашо Нелоски
