Лекарите здивнаа, болниците се враќаат во нормала
Значително е намален бројот на заразени, хоспитализирани и на активни случаи со Ковид-19. Болниците се враќаат во нормала. Се испишуваат и последните пациенти од интерните клиники. Координаторот на ковид-центрите, доктор Дејан Докиќ за јавниот сервис вели дека периодот со стабилна епидемиолошка состојба треба да се искористи за вакцинација и стекнување колективен имунитет. Инаку денеска, македонски државјани повторно се вакцинираа во соседна Србија без закажување...

По долго време, бројот на активни случаи со коронавирусот падна под 1000. Значително е намален и приемот во болниците. Ако до пред неколку недели во едно деноноќие се хоспитализираа по десетици пациенти, за 24 часа во главниот град се примени само двајца. Лекарите можат да здивнат. Координаторот на ковид-центрите на интерните клиники, доктор Дејан Докиќ вели дека главниот акцент периодов треба да се стави на имунизацијата. Само така, доколку би имало повторен бран во есенските месеци, вирусот нема да може да го има истиот интензитет како претходно.
„Колективниот имунитет може да се стекне или преку природно заразување со ковид или преку вакцинација. Граѓаните кои се уште не се вакцинирани да се јават да си закажат термин и да се вакцинираат. Лично се надевам дека нема да имаме уште еден бран, но тоа никој не може да го предвиди. Ние сме спремни, бранот кој евентуално би дошол не би бил со таков интензитет како претходниот“, вели д-р Докиќ.
Во ковид центарот на интерните клиники веќе две недели нема прием на позитивни пациент. Дел од клиниките се вратени во нормална финкција, другите се во фаза на санација, чистење и дезинфекција.
Уште осум пациенти има во Институтот за туберкулоза, но проценките се дека најдоцна до крајот на месецот и тие ќе бидат испишани.
Околу 130 пациенти позитивни на корона вирусот се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава. Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.
Во главниот град, ковид позитивни пациенти се лекуваат само на Инфективната клиника, во Болницата „8-ми септември“и на Институтот за туберкулоза.
Андријана Атанасовска
