Штип

Секоја година сѐ помал број на првачиња во источниот регион

06.06.2021 15:49

Населението на истокот старее, сѐ помалку деца се раѓаат, секоја генерација на првачиња е помала од претходната. Во Штип годинава според матичната евиденција треба да има 551 прваче, но до сега пријавени се само 310. Дел од евидентираните деца во матичичната служба се македонски државјани, но се родени и живеат во странство...

Сѐ помалку деца се раѓаат на истокот и секоја година се намалува бројот на првачиња во училиштата. Во 11-те општини во источниот регион во матичната евиденција на родени во 2015-та година, евидентирани се околу 1.800, а досега запишани на училиште се 1.100 деца. Разликата се јавува затоа што се евидентираат и децата со македонско државјанство родени во странство.

Надлежните веруваат дека разликата од околу 700 деца ќе се намали во текот на летните месеци и на самиот старт на училишната година. Уписите по електронски пат ќе бидат отворени до септември. Иако новата генерација ученици веројатно ќе биде помала од претходната, бројот на паралелките во Штип ќе остане ист.

Кочани е меѓу ретките општини во регионот каде се очекува бројот на првачиња од септември да биде поголем од претходната генерација. 412 ученици треба да се запишат во прво одделение во петте основни училишта, првачиња ќе има и во некои подрачни училишта каде минатата година немало ниту едно.

Славица Величковска