САД

Трамп се враќа на политичката сцена

06.06.2021 15:12

Пред симпатизерите на републиканците на Конвенцијата во Северна Каролина, Трамп нагласи дека ќе продолжи да ја предводи партијата со исто темпо и покрај блокадите на социјалните медиуми....

Политички камбек на Доналд Трамп. Поранешниот претседател на САД го одржа својот прв јавен говор по поразот од Џо Бајден на последните избори за Белата куќа. Пред симпатизерите на републиканците на Конвенцијата во Северна Каролина, Трамп нагласи дека ќе продолжи да ја предводи партијата со исто темпо и покрај блокадите на социјалните медиуми. Ден пред обраќањето, „Фејсбук“ му ја продолжи забранта за користење на сметката поради опасност од поттикнување на нови насилства, слични на ланските инциденти во Конгресот во кои имаше и жртви.

„Со нетрпение ја очекувам 2024 година. Тогаш ќе имаме невидени резултати. Сега се случуваат многу работи. Но ќе направиме нешта кои не се видени претходно. Стојам пред вас со увереност дека народот на Северна Каролина ќе го отфрли Џо Бајден. Измамата на изборите во 2020 година е најдобар пример за корумпираноста на демократите и медиумите. Тој процес ќе биде запишан како криминал на векот во нашата земја“, изјави поранешниот претседател, Доналд Трамп.

Покрај обвинувањата кон противникот, во 90-минутното обраќање Трамп се фокусираше и на постигнувањата на неговата администрација. Како успешни приказни, меѓу другото, ги наведе политиките за мигрантите, граничниот ѕид со Мексико и развојот на вакцината против ковид-19. За пандемијата ја обвинува Кина која, според него, го произвела ворусот во лабораторија. Ова сценарио беше реактуелизирано во последниов период. Неговиот следбеник Бајден им нареди на разузнавачите во САД да ги интензивираат напорите и да поднесат нов извештај во рок од 90 дена за потеклото на вирусот

„Време е Америка и светот да бараат оштета и одговорност од Комунистичката партија на Кина. Во еден глас треба да се изјасниме дека Кина мора да плати“, нагласи Трамп.

Трамп останува доминантна политичка фигура во републиканската партија иако ја загуби поддршката од голем дел од неговите сопратијци за време на последните избори за лидер на САД.

 

Маја С. Филдишев