Во Куманово ќе се обележат објектите од културно значење

07.06.2021 10:22

Општина Куманово, односно Секторот за урбанизам работи на проект со кој ќе се обележат неколку објекти од културно значење. Во овој проект ќе бидат опфатени хотел Куманово, градската џамија, Касапски круг, Занаетчиски дом и хотел Солун.

„Знаење, заштита и вреднување на старите јадра“, е насловен двегодишниот проект кој ќе го реализира Општина Куманово. Станува збор за проект за инвентаризација на градбите со културно наследство, како и употреба на нови алатки за нивна видливост. Градската џамија, хотел Куманово, Занаетчискиот дом, Касапски круг и хотел Солун, ќе бидат означени како објекти од културно наследство.

Тоа е една патека која ќе се користи како пешачко движење, ќе бидат обележани спомениците на културно наследство со информации за културното наследство од кога потекнува, кодот ќе ги носи до некои интересни приказни, анегдоти, се со цел на овој начин да го поттикнеме и движењето пешачењето, велосипедизмот кој пак ни е поврзан со планот за урбана мобилност“, изјави Емилија Сларидис Јаневска, раководителка Сектор за урбанизам Куманово.

Проектот општината го реализира, како членка на Асоцијацијата на градови со културно наследство заедно со градовите членки на асоцијацијата од Албанија со поддршка на Министерството за надворешни работи на Република Франција.

„Да придонесеме и туристите кога ќе дојдат во градот, да знаат кој објект има какво значење за нашиот град“, појаснува Сларидис.

За потребите е ангажиран работен тим од вработени од секторот за урбанизам, а партнер е и Националниот конзерваторски центар.

 

Елена Георгиевска