По 60 години, втора премиера на „Мирно лето“ на Османли – овој пат дигитална

07.06.2021 12:11

Петочната проекција на „Мирно лето“ истовремено ќе биде пренесувана во живо, и ќе може да се следи на Јутјуб каналот на Кинотеката.

Во петок со почеток во 20 часот во летното кино на Кинотеката ќе биде прикажана новата, дигитално реставрирана копија на првата македонска филмска комедија „Мирно лето“ на режисерот Димитрие Османли, од 1961 година.

Петочната проекција на „Мирно лето“ истовремено ќе биде пренесувана во живо, и ќе може да се следи на Јутјуб каналот на Кинотеката.

На проекцијата ќе ѝ претходи 10-минутно видео во кое д-р Атанас Чупоски, виш филмолог во Кинотеката, ќе направи кратка анализа на филмот и неговото значење за македонската кинематографија.

Како што соопштуваат од Кинотеката, пред и после филмот, за доловување на атмосферата од 60-тите години на минатиот век – кога „Мирно лето“ ги полнеше кино-салите, инспирираше патувања до Охрид, женска мода, престој во тогаш новоотворениот луксузен хотел „Палас“, и воопшто, беше репер за едно безгрижно, весело живеење во кругот на семејството и блиските пријатели – ќе се погрижи реномираниот џез-вокалист Џон Илија Апелгрин со својот бенд, со свој краток перформанс.

Дигитално реставрираниот „Мирно лето“ ќе биде достапен за гледање он-лајн преку каналот на Кинотеката и во следните 5 денови по оваа негова втора „дигитална премиера“.

Оваа година навршуваат точно шест децении од премиерата на филмот и неговиот одличен прием кај публиката. Со Љупка Џундева и Слободан Перовиќ во главните улоги, како Дара и Заре – чие посакувано и очекувано „мирно лето“ на охридското крајбрежје ќе се претвори во бучно дефиле на роднини, пријатели и патници-(не)намерници, актерскиот ансамбл го сочинуваат тогашните филмски и театарски ѕвезди Петре Прличко, Мери Бошкова, Илија Милчин, Дарко Дамески, Ацо Јовановски, Анче Џамбазова, Димитар Ќостаров, Панче Камшик, Стојка Цекова, Вукосава Донева и други.