Израел

Бенет до Нетанјаху: Дозволи му на Израел да оди напред

07.06.2021 12:33

Израелскиот премиер Нетанјаху во последни обиди да опстане на политичката сцена. Опонентите кои формираа нова коалиција, ги обвини за изборна измама и им порача – владата ќе ви ја урнеме многу брзо. Неговиот потенцијален наследник Бенет му возврати – Израел не е монархија и никој нема монопол врз власта. За два дена кнесетот треба да гласа за новоформираната влада...

Дозволи му на Израел да оди напред – му порача челникот на партијата „Јамина“ Бенет на актуелниот шеф на владиниот кабинет Нетанјаху. Минатата недела тој и опозицискиот лидер Јаир Лапид ги здружија силите и соопштија дека формирале коалиција со фракции од целиот политички спектар, вклучувајќи и палестинска партија. Милијардерот од крајната десница ги негира обвинувањата на Нетанјаху дека владата ќе биде левичарска и најавува политика која е, како што вели, „за десет степени подесничарска од актуелната“. Според договорот за ротација, Бенет ќе биде премиер во првите две години, а потоа функцијата ја презема Лапид.

„За неколку дена, новата влада ќе даде заклетва, а тоа не е ни катастрофа ни несреќа. Тоа не е ништо други освен промена на владата, што е нормално во секоја демократска земја. Израел не е монархија и никој нема монопол за власта“, изјави Нафтали Бенет, лидер на „Јамина“.

„Новоформираната израелска коалиција е резултат на најголемата изборна измама во историјата на демократијата“, изјави премиерот Бенјамин Нетанјаху пред законодавците од неговата десничарска партија Ликуд. Тој се бори да опстане на политичката сцена откако се соочи со обвинувања за корпуција. На ривалите им порача – доколку биде составена, вашата влада ќе ја урнеме брзо.

„Влада која има екстремна левица и која зависи од поддржувачи на тероризмот нема да може да дејствува систематски и доследно против организациите во Газа. Се сомневам и дека ќе се бори против одлуката на Меѓународниот кривичен суд во Хаг против војниците и командантите на Израел. Доцна е, но не е предоцна. Направете ја вистинската работа и гласајте против левичарска влада“, рече премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху.

Во последните 24 месеци, во Израел беа одржани четири парламентарни избори. Гласањето за новиот кабинет е закажано в среда.

 

Маја С. Филдишев