Образование

Куманово: Првачиња само во централните училишта

07.06.2021 14:34

Во кумановските основни училишта засега недостасуваат 266 првачиња, покажуваат податоците на Секторот за образование. До крајот на мај се запишале 921 ученик, а вкупната бројка изнесува 1.187 ученици. Најголем интерес и овој пат има за централните училишта, а најмал за „Вук Караџиќ“, каде документи досега поднеле родители на само 5 дечиња. Вината надлежните ја гледаат во непочитувањето на реонизацијата...

Во 16-те основни училишта во Куманово во новата учебна година треба да тргнат 1.187 ученици. Но, согласно податоците на Секторот за образование од општина Куманово, до крајот на мај се запишани вкупно 921 ученик. Засега недостасуваат 266 дечиња. Конечната бројка на запишани првачиња ќе се знае во септември.

„Училиштата ја пријавија оваа бројка меѓутоа очекуваат дел од родителите кои се моментално на привремена работа, дел од родителите коишто не се информирани да се заврши уписот за да се стартува учебната година од први септември. И тие проблеми што беа од типот на изолација“, изјави раководителот на секторот, Александар Јовановиќ.

Од секторот потврдуваат дека и годинава се бележи благ пад на упис на првачиња. Според нив тоа е резултат на наталитетот, кој е се помал, но и на миграцијата на населението. Најголем број ученици и годинава се запишале во основните училишта во централното подрачје, . Најмал пак и претходните, но и оваа година се очекува да има во „Вук Караџиќ“. Од 26 дечиња, досега документи поднеле родители на само 5 ученици. Вината надлежните ја гледаат во непочитувањето на реонизацијата.

„Имаме голем број на преселувања, одлив на население, во странство други делови на градот, но еден дел родители кои и живеат тука бараат упорно согласно за запишување во друго училиште на своите дечиња, пријавуваат причини кои не се релеванти“, вели Надица Петровска, директор ОУ „Вук Караџиќ“- Куманово.

Лани во ова училиште биле запишани 10 првачиња. Согласно новиот закон бројот на дечиња во паралелка е ограничен, и може да биде од 20 до 30. Исклучок може да има, но тогаш училиштето мора да побара согласност од основачот, во овој случај Советот на Општина Куманово.

 

Елена Георгиевска