Ковид-19

Индискиот сој присутен во земјава

07.06.2021 15:02

Индиски сој на коронавирусот е регистриран кај лице кое се вратило од Ирак. Неговата состојба е стабилна и пациентот не преставува ризик по јавното здравје, уверуваат здравствените власти. Во последното деноноќие е регистриран само еден позитивен случај со Ковид и тоа во Куманово. Три лица починаа...

Индискиот сој на коронавирусот, кој е значително позаразен од другите пристигна и кај нас. За првпат е регистриран кај лице кое се вратило од Ирак. Пациентот е згрижен во приватна клиника, а претходно, 10 дена бил болен и лекуван во оваа странска држава. Здравствените власти смируваат- човекот кога се вратил во земјава со посебно санитетско возило бил пренесен во болница.

„Состојбата на пациентот е стабилна и овој пациент не е знак за ризик“, велат од Министерството за здравство.

Полицискиот час и актуелните мерки остануваат да важат до 15-ти јуни. Ова е договорено на средбата на министерот Филипче со Комисијата за заразни болести. Оценето е дека на овој начин ќе се ограничи групирањето во доцните часови, иако епидемиолошката состојба е веќе стабилна, бројот на активни случаи драстично е намален, како и бројот на хоспитализации.

На Клиниката за инфективни болести во главниот град за првпат од почетокот на пандемијата лекарите прегледуваат пациенти со други инфективни патологии.

И последната статистика на Институтот за јавно здравје покажува дека состојбата со вирусот е стабилна. Регистриран е само еден новозаразен од Куманово, иако биле направени 1.375 тестирања. Пријавени се тројца починати од Куманово, Тетово и Гевгелија. Оздравеле 204 пациенти, со што бројот на активни случаи во целата држава падна под 500.

 

Андријана Атанасовска