Политика

ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека на преговарачка маса се ставени идентитетот, јазикот и културата

07.06.2021 15:37

ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека на преговарачката маса за симнување на ветото од Бугарија се ставени идентитетот, јазикот и културата. Според лидерот на партијата, Христијан Мицкоски постои опасност за бугаризација на Македонија. Најави дека од утре излегуваат на предупредувачки протести во Скопје и други градови низ земјава со барање, владата јавно да го објави патоказот за преговорите со Бугарија...

Двоецот Заев- Бучковски преговара со Софија за прифаќање на условите од бугарската декларација, да биде дел од преговарачката рамка со Европската унија. Ова го тврди лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, а информациите како што рече, ги добил од сериозни дипломатски извори од Софија и Брисел. Таквото прифаќање на условите, Мицкоски потенцира, ќе значи од билатерален, проблемот ќе се префрли да биде  проблем со Европската унија. Идентитетот, јазикот, посебноста ќе бидат на маса што е неприфатливо и тоа ќе значи преговори без крај.

Мицкоски со директно обраќање и до европските челници. Македонија е вратата на унијата и заслужува почеток на преговорите.

Со цел спречување на неприфатлив договор со Бугарија од вторник ВМРО- ДПМНЕ излегува на протест со блокирање на сообраќајниците. Во Скопје на три места и во уште 10 градови во земјава. Мицкоски со апел и останатите партии да им дадат подршка, а крајната цел е објавување на патоказот и што се преговара со бугарската страна.

 

Миле Ристески