Охрид: Плажите на кои им изминаа договорите за концесија останаа без струја
Објектите на плажите на кои што им изминаа договорите за концесија утрото останаа без електрична енергија. ЕВН ги исклучи на барање од Општина Охрид без разлика што уредно си ги плаќале сметките. И додека продолжува уривањето на нелегалните објекти долж крајбрежјето, денеска од Независната угостителска комора беше доделен првиот сертификат за безбедно патување и печат за „чисто и безбедно“...

Утрото објектите на плажите на кои им изминаа договорите за концесија беа исклучени од електричната мрежа. Дел од концесионерите не знаат зошто тоа се случило бидеќи уредно ги плаќаат сметките, додека од ЕВН посочуваат дека тоа е направено на барање од локалната самоуправа. Од општина Охрид велат дека поранешните концесионери биле информирани дека треба да ги затворат објектите во рок од 8 дена кој веќе истече. Од Независната угостителска комора и охридскиот угостителски еснаф сметаат дека вакви нешта не треба да се случуваат пред почетокот на сезоната бидеќи му нанесуваат штета на туризмот.
„Пред било што да се руши сметам дека прво треба да си изготви стратегија што всушност ќе се прави и што всушност ќе се постигне со тој простор. Најлесно е да се сруши, тешко е повторно да се изгради и да се врати во фунционалноста тоа што веќе било направено“, вели Здравко Јосифовски- Независна угостителска комора.
„Единствено Советот ни одговори дека се неингеренти да решаваат по однос на тоа, ние бевме малку затекнати од таквиот одговор бидејќи можеа и другите тела кои што беа наведени да најдат за сходно барем да се организира една средба на која ќе беа продискутирани актулените случувања и наголемиот фокус на нашето барање беше дека не требаа таквите акции не требаше баш сега да се организираат ние не сакавме да задираме во законитоста“, рече Михаил Мишев- Еснаф на угостители од Охрид.
Инаку денеска беше извршена првата верификација на угостителски објект во Охрид, кој што од името на Независната угостителска комора го доби правото да го користи сертификатот „Сејф травел“ и печат за „Чисто и безбедно“.
„Можам да кажам дека во принцип сите го исполнуваат условот право за добивање на сертификат, меѓутоа сертификатите не се работи дали има право да биде или работи како угостителски објект, туку практично со сертификатите Комисијата врши верификација на примената на моменталните протоколи кои што се за работа на угостителски објекти, дали се тие соодветно применети во објектите или не“, вели Јосифовски.
Може да постојат објекти во кои е многу вложено вели Јосифовски, меѓутоа доколку не се почитуваат протоколите тие нема да добијат сертификати.
Сашо Нелоски
