Како до родова еднаквост во фудбалот?
„Да ги надминеме стереотипите и да го направиме женскиот фудбал еднакво атрактивен како машкиот“ – на почетокот на еуфоријата дебата со пораки и за родовата еднаквост...

Додека машкиот фудбал е огромен бизнис и атрактивен спорт кој го пренесуваат сите светски телевизиски куќи, жените фудбалерки не ги уживаат овие привилегии. Велат дека мора да се изборат со родовите стереотипи кои преовладуваат во овој спорт. Медиумска застапеност скоро и да нема, велат, а и во буџетот за машки и женски фудбал има огромни разлики. На терените нема основни услови за игра, единствено правилата кои важат во фудбалската игра се подеднакви и за мажи и за жени.
Интернационалната sвезда Горан Пандев со чиј гол го отворивме патот кон големиот успех за учество на најголемиот европски фудбалски турнир, вели дека машкиот и женскиот фудбал се подеднакво атрактивни. Проблемот го гледа во нашиот менталитет и воспитувањето на родителите на своите деца. За разлика од Италија, каде што тој живее, вели дека кај нас стереотипите сѐ уште владеат, но мора да се работи на нивно надминување.
Потребно е да се смени свеста кај возрасните дека фудбалот не е само машки спорт. Да се зголемат женските фудбалски клубови. Но, важно е и што поголем број на жени да бидат застапени онаму каде што се носат политиките, велат од Владата.
Александра Спировска
