Масовна операција против организираниот криминал
Во рацете на безбедносните служби паднаа најразлични криминалци, трговци со дрога и оружје, припадници на мафија или на мото-банди. Тие разменувале пораки преку апликација наречена „Аном“ и верувале дека се заштитени, иако службите цели три години следеле што пишувале.

Стотици апсења се извршени низ светот како дел од масовна операција против организираниот криминал. Во рацете на безбедносните служби паднаа најразлични криминалци, трговци со дрога и оружје, припадници на мафија или на мото-банди. Тие разменувале пораки преку апликација наречена „Аном“ и верувале дека се заштитени, иако службите цели три години следеле што пишувале. Преку апликацијата размениле околу 25 милиони пораки за трговија со наркотици, завери и подготовки на убиства.
„Австралиската влада, како дел од глобалната операција, зададе тежок удар против организираниот криминал, не само во оваа земја, туку и ширум светот. Ова е пресвртница во историјата на австралиското спроведување на законот“, изјави Скот Морисон, австралиски премиер.
Во акцијата учествувале полицајци од Европа, САД, Австралија и Нов Зеланд.
„Кога криминалните организации се вклучуваат во логистиката на пренесување на нивниот недозволен материјал, пари, организирање насилство, целата таа активност треба да се случи преку некаква комуникациска платформа“, вели Ентони Русо, правен аташе на ФБИ во Американската амбасада.
„Во операцијата се обвинети стотици наводни прекршители, заплени се милиони долари од приходи од криминал, отстрането е оружје од нашите улици и спасени се животи. Ние ќе продолжиме со тековната операција“, нагласи Морисон.
Акцијата „Тројански штит“ почнала уште во 2018 година и во неа се опфатени 18 земји. Приведени се криминалци од Австралија, Азија, Јужна Америка и од Блискиот исток. Наредниве денови се очекуваат уште апсења и обвиненија.
Марина Ристова
