Евроинтеграции

Мас: Мораме да го исполниме ветувањето за почеток на пристапните преговори

08.06.2021 14:22

Вклучување на земјите од Западниот Балкан во пристапниот процес целосно ќе ги ангажира општествата во создавање нови вредности, напредок и конкуренција, изјави министерот за надворешни работи на видео министерскиот состанок во рамките на германското претседателство со Берлинскиот процес. Османи потенцираше дека земјите од регионот имаат разлики и различни ставови, но тоа не значи дека не можат да соработуваат...

„Мораме да го исполниме ветувањето за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија,“ изјави германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас пред неговите колеги од Западниот Балкан. Тој се заложи за повторно приближување на процесот на проширување на унијата.

„Иднината на сите шест држави од Западниот Балкан е во ЕУ. Германија е целосно посветена на оваа цел. Ако испорачате вие, ние исто така испорачуваме. Тоа мора и во иднина да биде нашиот пристап кон проширувањето на Европската унија“, изјави Мас.

На видео конференција посветена на Берлинскиот процес пред претстојните јунски самити на ЕУ, шефот на дипломатијата Османи се осврна на минатогодишното заедничко претседавање со Бугарија на процесот како позитивен пример за добрососедство и соработка во регионот. Истакна дека почеток на пристапните преговори позитивно ќе влијае на земјите од регионот за постигнување на европските вредности.

„Вклучувањето на земјите од Западен Балкан во активен и динамичен пристапен процес целосно ќе ги ангажира општествата во создавање на нови вредности, напредок и позитивна конкуренција. Регионалната соработка станува се поважна- да се демонстрира сопственост и заедничко политичко лидерство. Ние сме релативно мали економии, но заедно сме посилни. Фактот дека имаме наши разлики и различни ставови, не ја исклучува далеку поблиската соработка во сите секторски области поврзани со ЕУ“, нагласи Османи.

Шефот на дипломатијата предложил размена на млади дипломати во регионот со цел натамошно помирување и градење на доверба и иницијатива „Балкан 6“ на шефовите на дипломатиите од регионот за продлабочување на меѓусебната соработка.

 

Ирина Гелевска