Дождот го спаси родот на нивите
Дождовите го спасија земјоделското производство. Дојдоа точно на време кога на пченицата и се потребни поголеми количества на вода во почвата. Умерената температура во просек до околу 26 степени е оптимална за сите видови на култури, а доволно влага има и за расадувањето на тутунот на нивите...

Последните пообилни врнежи од дожд на целата територија, овозможија нормален развој на земјоделските култури, особено на есенската пченица кај која состојбата беше и најкритична поради недостигот на доволно влага во површинскиот слој.
Ова е период на почеток на формирање и созревање на зрното, и е клучна фаза за добар принос, за што се потребни врнежи.
Покрај пченицата, ваквата состојба му годи и на есенскиот јачмен кој е понапред во развојот и во ова време му се потребни поумерени температури.
Температурите на воздухот со вредности од 17 до 26 степени се оптимални за сите култури, како за посевите така и за овошките и виновата лоза, каде што поради благите климатски услови, без големи горештини, недостигот на влага сеуште не се чувствува во голема мера.
Ова е период и на интензивно расадување на тутунот и на градинарските култури на отворено, а ваквите умерени временски услови без многу сонце и суши ќе бидат добредојдени скоро за целото земјоделско производство, пред сѐ заради фактот дека вода во почвата досега немаше доволно.
Методија Трајков
