Граѓаните да пријават каква било повреда на избирачкото право
Линијата на Народниот правобранител, 0800 54321, ќе биде достапна секој работен ден, од 8 до 16 часот, а по пријавите ќе се постапува веднаш, по примениот повик или снимената порака...

Од денеска граѓаните во канцеларијата на Народниот правобранител, ќе можат да пријават било каква повреда на избирачкото право, на бесплатната телефонска линија 0800 54321. Линијата ќе биде достапна секој работен ден, од 8 до 16 часот, а по пријавите ќе се постапува веднаш, по примениот повик или снимената порака.
„Народниот правобранител, правата на граѓаните ќе ги штити со преземање итни мерки за ефективно постапување од страна на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на нивните загарантирани права“, стои во соопштението од Народниот правобранител.
Оттаму потсетуваат дека избирачкото право е уставно загарантирано како еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање и оти никој не смее да биде повикан на одговорност заради остварување на ова право. Повредата на слободата на определувањето на избирачите, како и други повреди на избирачкото право се казниви дела.
