Ковид-19

Еднаква распределба на вакцините

09.06.2021 13:53

Околу 300 милиони вакцини се планирани за извоз во над 90 земји. Претседателот на Европскиот советот Мишел и шефицата на комисијата Фон дер Лејен во Стразбур ги нагласија заложбите за еднакво распоредување...

Европската унија извезува речиси половина од производството на вакцини против Ковид-19. Од 600 милиони дози произведени во Европа, околу 300 милиони вакцини се планирани за извоз во над 90 земји. Претседателот на Европскиот совет Мишел и шефицата на Комисијата, Фон дер Лејен во Стразбур ги нагласија заложбите за еднакво распоредување на вакцините.

„Од јануари, извезуваме скоро половина од нашето производство. Почитувани членки, ако сите други производители на вакцини го следеа нашиот пример, светот ќе беше на друго место денес“, нагласи Урсула Фон дер Лејен – претседател на ЕК.

„Некогаш бевме критикувани од одредени набљудувачи, а понекогаш и од граѓани кои имаат чувство дека не произведуваме вакцини доволно брзо. Сепак Европската унија е таа што го создаде ковид- механизмот“, додаде Шарл Мишел- претседател на Европскиот совет.

Челниците на ЕУ дадоа зелено светло за дигиталниот сертификат за ковид. Ќе биде достапен за луѓе кои се целосно вакцинирани против коронавирусот, имале негативен тест или прележале Ковид-19. Програмата за сертификати стапува во сила низ целата унија на први јули. Ќе се издава бесплатно од националните власти и ќе биде достапен во дигитален или хартиен формат што содржи кју-ар код.

„Европските земји се многу се важни за туризмот во Франција. Тие се многу поподготвени да се вратат во Париз. Очигледно е дека ситуацијата со нив, санитарните мерки, отворањето на границите ќе биде многу полесна од која било друга земја“, изјави Корин Менегау- директор на париската канцеларија за туризам.

Грција, Бугарија, Чешка, Данска, Германија, Хрватска и Полска пак од денеска воведуваат систем за потврди за патување „Ковид-19“. Грција реши и деца на возраст до шест години да можат да влезат во змејата без ПЦР-тест. До крајот на јуни се очекува во Грција без ПЦР-тест да може да влегуваат децата до 12 години.

Маријана Димовска