Охрид

Се отстрануваат платформите долж брегот на Охридското Езерото

09.06.2021 14:03

По налог на Општина Охрид денеска започна отстранувањето на платформите и урбаната опрема на плажите во близина на Студенчишкиот канал. И додека од локалната самоуправа обвинуваат за узурпација на државно земјиште и обавување на угостителска дејност надвор од законските процедури, застапниците на корисниците на плажи укажуваат дека започнатите активности не се во согласност со законот.

Градежна механизација и екипи ангажирани од општина Охрид утрото започнаа со активности за отстранување на платформите на плажите лоцирани на потегот Студенчишки канал-Горица, кои се опфатени со Генералниот урбанистички план. Од локалната самоуправа соопштија дека повеќе нема да толерираат нелегално работење и остварување на бизнис интереси на поединечни фирми кои без договор за концесија и надвор од сите законски процедури граделе објекти и узурпирале државно земјиште со што нанеле штети во строго заштитено подрачје. Од друга страна правниот застапник на корисниците на плажите вели дека преземените активности не се во согласност со законот.

„Се игнорира фактот дека постапката за јавно наддавање која што би го решила статусот ма плажите во Охрид кои што се издаваат под закуп или популарно наречена концесија не е завршена. Значи сметаме дека е сериозно пречекорување на овластувањата од општината да го решаваат надвор од правните регулации“, вели адвокатот Михаил Кичеец- застапник на корисниците на плажи.

Не знаеме колку и што ќе се урива, не бевме информирани кога се исклучуваше струјата, ниту за денешните активности, велат корисниците на плажите при што ги отфрлаат обвинувањата дека работеле нелегално.

„Ние најдовме начин по старата концесија да си плаќаме кирија. Киријата е платена, концесијата е платена до 28. 02. 2021 година. Значи дека не е онаа лажна слика дека правиме некаков криминал“, изјави Марјан Маловчев-менаџер на плажа.

Денешната акција се одвиваше под силно полициско обезбедување, а како што најавија од општина Охрид, по завршувањето на работите на овој дел од крајбрежјето ќе се пристапи кон отстранување на платформите и објектите кај населбата Канео.

 

Сашо Нелоски