РКЕ почна постапка за одземање на лиценците на РКМ, Супер трејд, Пертинакс и ЛИЛ оил

09.06.2021 15:22

Започната е постапка за одземање на лиценци на четири компании поради непоседување на оперативни резерви на мазут и непочитување на законските прописи.

Започната е постапка за одземање на лиценци на четири компании поради непоседување на оперативни резерви на мазут и непочитување на законските прописи. Станува збор за компаниите РКМ ДООЕЛ Скопје, Супер трејд ДООЕЛ увоз извоз Скопје, Пертинакс ДООЕЛ Скопје и ЛИЛ Оил ДБ ДООЕЛ увоз – извоз Кавадарци, информира претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

Тој појасни дека согласно Правилникот за нивото и начинот на пресметка на оперативните резерви овие компании се обврзани да обезбедат петдневни резерви во текот на оваа година во зависност од потрошувачката што ја имале во 2020 година. Компаниите во рок од седум дена ќе треба да дадат соодветно образложение во РКЕ која е причината за тоа што се случува.

Кај Евротим ДПИ има донесено забрана за пуштање во промет на мазутот којшто се поседува во нивните резервоари и тоа е направено поради земање мостра од страна на ДПИ. Откако е издадена оваа забрана Евротим е под целосен мониторинг на РКЕ и не смее да врши никакви тргувања на пазарот на големо за мазут. Во оној момент кога ќе ги добиеме податоците од страна на ДПИ за квалитетот на мострата што е земена од Евротим, РКЕ ќе продолжи со соодветни постапки согласно своите надлежности што ги има утврдено во Законот за енергетика, прецизира Бислимоски.

Најави дека до крајот на оваа недела РКЕ ќе го извести ДПИ колку треба да изнесуваат оперативните резерви за секој нафтен дериват посебно и врз основа на тоа, како што кажа, ДПИ ќе започне со контрола кај сите трговци со нафта и нафтени деривати.