Прилеп

Трудовиот инспекторат со увид, СОНК не отстапува

09.06.2021 16:54

На ден пред официјалниот крај на учебната година во прилепските основни училишта се уште не е решен проблемот со исплатата на надоместот за прекувремена работа. Трудовиот инспекторат смета дека нема законски основ, СОНК бара вешто лице и толкување на сите закони. Општината вели има средства, но не се занемарува увидот на Трудовиот инспекторат. Сите чекаат од Министерството...

Нема законска основа за исплата на надолмест за прекувремена работа за наставниците кои работеа со физичко присуство во две групи зашто не се надминала неделата од 40 работни часа, констатира трудовиот инспекторат по увидот во прилепските основни училиште.

Проблемот останува и СОНК бара увид на вешто лице. Смета дека не се толкуваат сите, туку само Законот за работни односи.

Од општината имале издвоено средства, но не може, велат, да го занемарат увидот на Трудовиот инспекторат. Документацијата е испратена во Министерството за образование.

Надоместот се однесува на 53 наставници. Утре и официјално завршува учебната година за 6.500 прилепски основци од кои 30-ина насто следеа настава со физичко присуство. Свидетелствата се на 24 јуни. Нема штрајк, ама сите чекаат одговор од Министерството.

Елизабета Митреска