Бајден со извршна одлука, Брисел неутрален за ставот на Вашингтон
Извршна одлука на шефот на Белата куќа за Западен Балкан, санкции за прекршителите на меѓународно прифатените документи, меѓу нив и за Преспанскиот и Охридскиот. Бајден го задолжи секретарот за финансии да почне постапка доколку не се почитува наредбата. Брисел се уште неутрален за ставот на Вашингтон...

Американскиот претседател Џо Бајден потпиша извршна наредба за замрзнување на имот и забрана за влез во САД на лица кои работат против Преспанскиот и Охридскиот Рамковен договор, нивното спроведување и ги поткoпуваат мирот и стабилноста на Западниот Балкан.
„Одговорност за кршење или опструкција на регионалната безбедност и мир поврзана со Западен Балкан, вклучувајќи го Преспанскиот договор, Охридскиот рамковен договор, Резолуцијата 1244 на ООН и Договорот од Дејтон“- нагласува Бајден.
Бајден го задолжи секретарот за финансии на САД да ги определи имињата на поединците и компаниите кои ги нарушуваат или ќе ги нарушан меѓународните документи. Забраната се состои во замрзнување на фондови, добра, имоти или услуги на лица и фирми во САД, и забрана за влез за што е задолжено Министерството за внатрешна безбедност. На ова се надоврзува и државниот секретар Блинкен кој побара зголемено справување со корупцијата во државите од Западен Балкан.
Европската унија одби да коментира одлука на американската аднимистрација, и засега нема намера да воведе слични санкции.
„Санкции слични на американските не се на агенда на Европската унија. Било која одлука за евентуална потенцијална санкција треба да биде донесена едногласно од земјите- членки. Ако тие се договорат, тогаш ќе пристапиме кон воведување на санкции“, изајви Петер Стано- портпарол на Европска комисија.
Извршната наредба на американскиот претседател Бајден е прва одлука донесена за регионот на Западниот Балкан по неговото преземање на функцијата.
Ирина Гелевска
