Образование

Царовска: Оваа учебна година беше предизвик на кој заеднички успешно одговоривме

10.06.2021 10:17

Министерката за образование и наука Мила Царовска со видео обраќање се заблагодари на наставниците, учениците и родителите за успешно завршената учебна година во вонредни услови поради пандемијата.

Министерката за образование и наука Мила Царовска со видео обраќање се заблагодари на наставниците, учениците и родителите за успешно завршената учебна година во вонредни услови поради пандемијата.

Учебната 2020/2021 претставуваше предизвик на кој заеднички успеавме да одговориме. Учениците добија квалитетна настава и непрекинат воспитно-образовен процес, а нивното здравје, безбедност и благосостојба беа заштитени, што за сите нас претставуваше најголема грижа. Сето ова немаше да биде возможно без несебична поддршка и помош од наставниците и родителите.

„Цврсто верувам дека со здружени сили сè може да се постигне полесно. Благодарение на вашиот заеднички придонес во овој процес, ова уште еднаш се докажа. И во овие услови, создадовме сплотена, грижлива и поддржувачка заедница со една цел – учениците да добијат квалитетно образование, а нивното здравје и безбедност да останат заштитени“, рече Царовска.

Царовска истакна дека посебно е горда на учениците кои со ова беа најмногу засегнати. Иако наставата на училиште и непосредната комуникација со соучениците и наставниците тешко може да се заменат, тие работеа напорно и со наставата на далечина покажаа висока продуктивност и одлични резултати.