„Ден на реката Дрим“ за подигнување на еколошката свест
Во рамките на проектот за управување со Дримскиот басен во кој се вклучени 5 држави од регионот, од годинава ќе се одбележува „Ден на реката Дрим“, со цел да се подигне еколошката свест за заштита на овој воден ресурс со огромно значење за земјите што гравитираат кон него...

Со низа активности петте земји кои гравитираат во Дримскиот басен во иднина 5 мај ќе го одбележуваат како Ден на реката Дрим. Настаните ќе имаат забавен и едукативен карактер што треба да придонесе за подигање на еколошката свест за заштита на животната средина во регионот.
„Јавноста во Македонија и Албанија ќе го препознае овој ден,како ден кој не само тогаш,туку во текот на целата година ќе треба да се размислува околу климатските промени и опасностите и ризиците што предстојат и нивното одговорно однесување воопшто кон животната средина“, вели Ѓоко Зороски-Еколошко друштво „Грашница“ -Охрид.
Проектот за управување со Дримскиот басен кој беше одобрен во 2 012-тата година финансиски е подржан од Глобалниот еколошки фонд и Германското друштво за меѓународна соработка.
„Еден ваков проект каков што е дримскиот има економски бенефит за граѓаните кои што живеат во басенот,каде што ќе се спроведуваат многу пилот проекти,многу работа на терен.Од еден ваков проект ќе има корист и еколошката состојба бидеќи ќе се направи план за управување со Дримскиот басен и план кој што треба да направи заштита од можни појави на поплави и суши на кои што сме сведоци во изминатиот период,меѓу кои што е и зависноста на нивото на Охридското Езеро од тие промени“, изјави Дејан Пановски-Билатерален секретаријат за заштита на Охридското Езеро.
Одбележувањето на Денот на реката Дрим во Македонија ќе се одржи во Струга со театарска претстава на тема климатски промени, тематска изложба, презентации на органски производи и еко-тура со велосипед.
Сашо Нелоски
