Охрид

Бројот на ревакцинирани далеку поголем од бројот на лица кои примиле прва доза

10.06.2021 12:35

Во изминатите десеттина дена поради намалениот број на вакцини има далеку поголем број ревакцинирани од вакцинирани граѓани во регионалниот вакцинален центар во Охрид. Дневно се вакцинираат по 1.500 лица, а од наредната недела се очекува да се зголеми бројот на оние што примаат прва вакцина.

Во Регионалниот вакцинален центар во Охрид каде што се имунизираат граѓаните од неколку општини од југозападниот дел на земјава до вчера беа вакцинирани и ревакцинирани 27 000 лица. Во очекување на најавените 500 илјади вакцини од Кина во моментот повеќе се врши ревакцинација на граѓаните, но за наредната недела е најавено зголемување на бројот на лица кои ќе примат прва вакцина.

„Очекуваме да го зголемиме првичното вакцинирање со тоа што самиот процес на ревакцинација, имавме до 1 500 ревакцинации моравме да отвориме друг дел од салата каде што има дополнителен кадар за да не дојде до мешање на првичната вакцина со сите тие што се за ревакцинација, така што од понеделник очекуваме да се зголеми бројот и на вакцинирање и да остане константниот број и на оние ревакцинирани кои што претходно се вакцинирале“, изјави д-р Горан Балевски, директор на Општа болница Охрид.

Општата болница веќе функционира нормално, како што беше пред пандемијата, а во модуларната болница има уште 6 ковид пациенти. Во моментот ротациите на медицинскиот кадар се насочени кон хируршкиот и интерниот блок кои се наотоварени.

„Хируршкиот блок е вратен во нормална патологија. Работат салите со нормално закажување така што е дадена наредба првично да се оперираат сите оние што имале помали тумори и кои што во овој период чекале, така што сега најмногу работи во суштина хируршкиот блок. Салите не се затворени во овие десеттина дена“, вели  д-р Балевски.

Смирувањето на пандемијата ќе придонесе лекарите и другиот медицински кадар од Општата болница да земат здив кој што им беше неопходен, бидеќи за разлика од нивните колеги од другите градови обемот на работа во текот на летниот период во Охрид драстично се зголемува.

 

Сашо Нелоски