Инвестиции во Вевчани за побогата туристичка понуда
„Дојдете во Вевчани за да го видите Охрид“ , вака градоначалникот на Вевчани ги опишува проектите кои со помош на Владата на Република Македонија оваа година ќе бидат реализирани во Општината. Се работи за десеттина проекти со кои се опфатени инфраструктурата, урбанизмот, бизнис секторот како основа за привлекување на странски инвестиции и отворање на нови работни места...

Во Вевчани се гради спортската сала која ќе биде завршена во јули или август оваа година, а од таму додаваат дека меѓу проектите кои ќе се реализираат оваа година е изработка на физибилити студија за изградба на ски центар на планината Јабланица со средства од Владата на Република Македонија, како и изработка на генералниот урбанистички план кој оди преку Агенцијата за просторно планирање, а Општина Вевчани го немаше од 1999 година. Иако со голем процент на вработеност, само 10 до 15 % се невработени, годинава во Вевчани ќе се инвестира во капацитети со цел отворање на нови работни места
„Од први април ќе почнат со работа во компанијата „Мотекс“. Тоа е текстилна фабрика, газдата е германец со седиште во Охрид, каде ќе се отворат нови 40 работни места. Во втората половина на април ќе почниме со изградба на бензиската пумпа од „Макпетрол“, локацијата е кај месноста „Кореја“ кај Портата Вевчани, а покрај бензиската пумпа ќе има и други пропратни објекти како технички преглчед, супер маркет кој ќе работи 24 часа, ресторан и автоматска перална.Тука ќе има преку 30 вработувања, а се планира до октомври да завршат комплетно сите градежни работи и бензиската пумпа да биде пуштена во употреба“, објаснува градоначалникот на Општина Вевчани Цветомир Угриноски.
Првиот човек на Општина Вевчани објаснува дека поголемиот дел од проектите имале позитивен ефект во развојот на туризмот, а посебно во привлекување на елитни гости.
„Со отварањето на коњичкиот клуб и со изградбата на тениското игралиште можам да кажам дека доаѓа добра клиентала која може да плати и закажуваат, имаат добра маршрута. Тоа се сепак елитни гости кои се потребни да доаѓаат во Вевчани“, истакнува Цветомир Угриноски.
Меѓу проектите се и реконструкција и асфалтирање на локален пат и јавни површини, чија изградба е потпомогната од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, како и со средства од Буџетот на Општина Вевчани за 2014 година.
Јованчо Наумоски
