Зголемен број напади врз новинари, слаб напредок во медиумските слободи
Здружението на новинарите на Македонија го претстави извештајот за 2020-та година. Регистрирани се 14 напади и груби закани кон претставници на седмата сила, над половината кон новинарки. Пандемијата само ја влоши и онака лошата финансиска состојба на медиумите...

Влошена е состојбата со безбедноста на новинарите и медиумсккте работници во споредба со 2019-та година. Нема речиси никаков напредок во медиумските слободи - покажа извештајот на Здружението на новинарите.
Иако земјата забележа раст од три места на скалата на „Репортери без граници“, сепак загрижува што од почетокот на 2020-та година се забележани вкупно 14 напади и груби закани кон новинари, од кои повеќе од половината се кон новинарки.
Во извештајот за 2020-та година е нотиран ставот на ЗНМ дека платеното политичко огласување во аудиовизуелните медиуми треба да се укине, за да не се „поткупуваат“ сопствениците на медиумите, да не се влијае негативно врз уредувачката политика на медиумите, но, исто така, да не се „изместува“ рамнотежата на спротивставени гледишта во јавната сфера. Затоа потребни се интервенции во Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги и во Изборниот законик.
Во извештајот се посочува дека финансиската независност и одржливост на јавниот радиодифузер останува отворено прашање.
Фиљана Кока
